демограф | м.

Тој што професионално се занимава со демографија, специјалист по демографија.

демографија | ж.

Гранка од статистиката, наука што се занимава со проучување на населението, со неговата структура, како и со законитостите на неговото растење и опаѓање (со наталитетот и со морталитетот).

демоде | прид.

Старомоден, што не е модерен; Тоа палто е веќе демоде, не треба да го носиш.

демодиран | прид.

Старомоден, излезен од модата. Демодиран костум. Демодирано палто.

демодира се | св. и несв.

Излезе, излегува од мода, стане, станува немодерно, застарено.

демократ | м.

Приврзаник на демократијата.

демократизација | ж.

Спроведување на демократски начела и принципи во животот, ширење демократија. Процес на демократизација. Целосна демократизација.

демократизира | св. и несв.

Воведе, воведува демократски начела и установи, шири демократија. Новото уредување ги демократизира односите меѓу луѓето.

демократија | ж.

Облик на државно уредување во кој суверената власт му припаѓа на народот, систем на народно владеење. Античка демократија. Буржоаска демократија. Економска демократија. Либерална демократија. Народна демократија. Социјалистичка демократија.

демократичен | прид.

Што има својства на демократија, што е во демократски дух. Демократичен човек.