изразлета | св.

Направи да лета сè што во тој момент може да се најде во воздух. Ветерот ги изразлета хартиите што беа на масата.

изразувач | м.

Лице што изразува нешто, некоја идеја, стремеж, желба, настојување и сл.

израмни | св.

Направи да биде рамно (нешто), без нерамнини, отстрани нерамнини на нешто; рамни. Жените ги изметоа дворовите, а мажите ги израмнија раскопаните сокаци со казми и копачи. Градежното претпријатие со булдожер го израмни теренот.

израни 1 | св.

Нанесе повеќе рани. Војниците го израниле човекот на повеќе места со нож.

израни 2 | св.

Изгледа, прехрани некого; исхрани. Со мака ги израни децата.

израсеница | ж.

Вода во која се израсило нешто, паднале раски.

израси | св.

Направи нешто да биде со раски, загади некаква течност. Ја израси матеницата бидејќи ја остави непокриена.

израсипе | св.

Расипе нешто сосема, расипе повеќе предмети, расипе сè што можело да се расипе. Мајсторот ги израсипа сите апарати наместо да ги поправи.

израскаже | св.

Раскаже многу нешта наеднаш, во еден здив. Таа израскажа некои чудни приказни за непознатиот.

израскине | св.

Раскине сè што може да се раскине. Рибарите ги израскинале мрежите вадејќи ги набрзина. Ветерот ги израскина облаците над градот.