композиција | ж.
Начин на поврзување на елементите и деловите на едно уметничко дело. Композиција на роман. Сликаше композиции, по некој пејзаж и портрет.
компонента | ж.
Составен дел од нешто; состојка, елемент. Основна компонента на лебот е брашното. Слогот има вокална компонента.
компонентен | прид.
Што се однесува на компонента. Компонентен состав.
компонира | св. и несв.
Создаде, создава музичко дело; напише, пишува композиција. Компониравме нов марш. Компонираат музика врз негови текстови.
компост | м.
Ѓубре, гној што настанува со мешање на земја со изгниени отпадоци од растително или животинско потекло; вештачки направено органско ѓубре.
компостиште | ср.
Место каде што се подготвува компост.
компот | м.
Овошје варено со вода и шеќер. Компот од суви сливи. Компот од вишни.
компрес | м.
Газа, парче платно и сл. обично натопено во вода или во некој медицински раствор што се става на заболено место од телото заради лекување; облога. Става компреси на челото.
компресија | ж.
Намалување на обемот (на пареа, воздух, гас) заради зголемување на притисокот.
компресор | м.
Машина, уред за згуснување на воздух, гас, пареа.