карадутка | ж.

Вид црница, дудинка; Morus nigra.

Каракас | м.

Главен град на Венецуела.

каракол | м.

Ноќна стража, патрола; стражарница. Ноќва ќе преседат на караколот.

караконџол | м.

Во народното верување – зол дух што ги плаши луѓето и се јавува во деновите меѓу Коледе и Богојавление.

Каракорум | м.

Планински масив во Средна Азија.

карактер | м.

Збир на суштествени, изразени и постојани морално-психички и интелектуални особини на поединец или на заедница, што се пројавуваат, се манифестираат преку погледите и постапките спрема околината; природа, нарав. Тие се сакаа еден со друг, и покрај разликите во карактерот и вкусовите. Татко ѝ бил со благ карактер, со многу нежна духовна и физичка конструкција. Цртите на неговото лице издаваа упорит карактер, непопустливост и бистрина.

карактерен | прид.

Што се однесува на карактер 1; што ја изразува суштината на морално-психичкиот лик на поединецот или на заедницата.

карактеризација | ж.

Покажување, претставување на карактерот, на суштествените црти на некого или нешто; карактеризирање. Јазикот е силно средство во карактеризацијата на личностите. Авторот прави обид да даде своја карактеризација на литературните јазици.

карактеризира | св. и несв.

Даде, дава карактеристика, опише, опишува суштествени црти на некого или на нешто. Тој нивниот настап го карактеризира како неуспешен. Инспекцијата карактеризира некои наши производи како непогодни за употреба.

карактеристика | ж.

а) Суштествено својство, главна, суштинска црта, особина на некое лице, предмет, појава и сл. Третосложниот акцентен систем е една од битните карактеристики на нашиот литературен јазик. б) Опис на важните, основни својства на некого или на нешто; оцена, суд за некого или за нешто. Од тоа дело ќе извлечеме на ова место и сосема кратка карактеристика за неговиот јазик.