нароглив | прид.

Кривоглед, шашлив. Беше нароглив, па човек не беше никогаш сигурен дали гледа во него или во некој друг.

нарогуши се | св.

Се накостреши, се наостри. Капетанот се нарогуши, им се закани.

народ | м.

Историски создадена заедница на луѓе врз основа на заедничко етничко потекло, територија, јазик, економски живот и заеднички културни традиции; нација. Македонски народ.

народен | прид.

Што му припаѓа, што се однесува на народот. Народна банка. Народна библиотека. Народен универзитет.

народец | м.

Хип. од народ.

народи | св.

Роди многу, голем број (деца) или големо количество (грозје и др.). Уште млади ќе се оженат и ќе народат седум-осум деца. Годинава праскиве народија како никогаш досега.

народија | ж.

Маса народ, множество луѓе. Кој може да се разбере со оваа народија.

народник | м.

Следбеник на народништвото. Тие идеи ни останаа од утопистите и народниците, добри желби што не се согласуваа со стварноста.

народништво | ср.

Општествено-политичко движење во Русија, од втората половина на XIX век, кое во борбата за преобразба на општествениот поредок сметало на револуционерната сила на селанството.

народноослободителен | прид.

Што има за цел ослободување на народот. Народноослободително движење. Народноослободителна борба. Народноослободителна војска.