наредба 1 | ж.

Службено усно или писмено барање што задолжително треба да се изврши; заповед.

наредба 2 | ж.

Начин на уредување, распоред, ред, организација на сè што се наоѓа и на однесувањето во дадена средина (стан, куќа, просторија и сл.). Секоја куќа си има своја наредба.

наредбодавец | м.

Тој што издава наредби, тој што дал наредба.

нареден | прид.

Што е на ред, следен, иден (во просторот и во времето). Нека влезе наредниот. Со нетрпение ја чекаа наредната смена. Во наредната година се запишал на студии. Во наредните денови ќе биде постудено.

нареди 1 | св.

Издаде, даде наредба. Командирот нареди да се подготват сите за долг марш. На селаните им наредија да ги товарат вреќите во камионите.

нареди 2 | св.

Стави, размести во определен ред. Го нареди по височина меѓу првите. Ги нареди книгите по писатели.

наредник | м.

Најстар по чин подофицер во југословенската војска до 1941 година.

нареже | св.

Со режење добие доволно парчиња, делови од нешто; насече. Нареже леб.

наренда | св.

Изренда доволно, колку што е потребно.