обеси | св.

Закачи, намести нешто да виси. Тој ја обеси низата пиперки на ѕидот од балконот. Таа ги обеси мокрите алишта на едно јаже во дворот.

обескуражи | св.

Направи некој да изгуби кураж; Нејзината постапка го обескуражи момчето.

обесмрти | св.

Направи да биде бесмртен, овековечи некого или нешто. Народот ги обесмрти своите борци. Тие ја изградија кулата за да го обесмртат името на градот.

обесплоди | св.

Направи да биде неплоден, лиши некого или нешто од способноста за плодност. Од стадото издвоија неколку овци и ги обесплодија.

обеспокоен | прид.

Што е неспокоен, вознемирен. Обеспокоено срце.

обеспокои | св.

Направи некој да биде неспокоен, вознемири некого. Лаежот на кучињата ги обеспокои селаните. Го обеспокои мислата за утрешната средба.

обеспокојувачки | прид.

Што предизвикува обеспокојување, што вознемирува. Обеспокојувачки вести.

обесправен | прид.

Што е лишен од некакви права, што е без права. Обесправени граѓани.

обесправи | св.

Лиши некого од определени законски права. Директорот ги обесправи работниците. Со овој закон власта ќе ги обесправи етничките заедници.

обеспраши | св.

Исчисти нешто од прашина. Таа го обеспраши подот во собата.