опис | м.

Писмено или усно претставување на карактеристичните црти на некого или на нешто; опишување. Се работи за описи на извесни случки од селскиот живот. Во книгата е даден комплетен опис на споменатиот говор.

описен | прид.

Што се однесува на опис, што опишува, што се служи со опис; дескриптивен. Описен метод. Описно изразување.

описмени | св.

Научи некого да чита и да пишува. Тие имаа цел да го описменат неукото население.

опит | м.

Севкупност од умствени и практични знаења, вештини, навики стекнати низ самиот живот и практика; искуство. Личен опит. Животен опит. Горчлив опит. Пословиците се кратки изреки, извлечени од размислувањата и опитот на нашите предци.

опита | св.

Постави прашање, праша. Ги опитав каде одат.

опитен | прид.

Што има опит, што е со големо искуство во некоја област, работа; искусен. Гостинот во сешто умееше некако да се снајде и се покажа како опитен светски човек. Талентирана и опитна рака на режисер, од снимениот материјал ќе може да направи одличен документарец.

опиум | м.

Исушен сок од несозреани афионови чушки што се користи како лек, опојно средство и дрога.

опише | св.

Даде опис, претстави, прикаже некого или нешто со опис. Тој до подробности го опиша целиот настан. Не може да се опише со зборови.

опишувач | м.

Тој што опишува, што дава опис на некого или на нешто. Тој е запишувач и опишувач на обичаи.