плисе | ср.

Правилни ситни набори, фалти на фустан, здолниште и сл. Фустанот имаше ситно плисе во долниот дел.

плисира | несв.

Прави, направи плисе на облека. Материјалот го даде да го плисираат.

плисиран | прид.

Што е направен како плисе. Плисирано здолниште.

плиска | несв.

а) Силно излива, блиска вода или друга течност. Таа плиска кофи со вода по дворот за да го освежи. Додека ги носеше чашите, келнерката го плискаше пивото и тоа течеше низ нејзините раце. б) Блиска вода врз делови од телото или врз човек општо. Девојчето си го плискаше лицето со вода на чешмата. Патниците го плискаа со вода онесвестениот.

плисне | св.

а) Излее, блисне вода или друга течност со силен замав. Жената плисна неколку кофи вода врз цвеќињата. Таа му ја плисна чашата вино на дрскиот гостин в лице. б) Блисне вода врз делови од телото или врз човек општо. Таа го плисна детето со ладна вода.

плисок | м.

Се слуша плисок на разбранетата езерска вода.

плитак | м.

Место каде што е водата плитка. Езерски плитак.

плитар | м.

Непечена тула, ќерпич. Ѕид од плитари.