поентира | св. и несв.
Нагласи, нагласува, истакне, истакнува нешто при исказ. Среде исказот тој поентираше дека тоа е само почеток.
поергени | св.
Направи некого ерген. Многу рано уште дете го поергенија синот.
поет | м.
Писател на творби во стихувана форма. Григор Прличев е најпознатиот македонски поет од XIX век.
поетеса | ж.
Писателка на поетски творби. Сите сакаат да станат поетеси, да пишуваат песни и да печатат збирки.
поетизација | ж.
Претставување на нешто во поетска форма. Големиот циклус творби за Гоце Делчев е еден неповторлив чин на поетизација. Во неговите дела има пресметано создавана поетизација во сликите на природата.
поетизира | св. и несв.
Претстави, претставува, опише, опишува нешто во поетска форма, како естетски доживеано, возвишено. Тој настојува да го поетизира општото и да внесе чувствена димензија. Таа го поетизира својот сопствен израз.
поетика | ж.
Теорија на поезијата.
поетичар | м.
Што се занимава со поетика. Тој е врвен македонски поетичар.
поетичен | прид.
Што содржи, што е проникнат со поетски доживувања, со поезија. Поетичен опис на селскиот живот.
поетички | прид.
Што припаѓа, што се однесува на поетика.