потенцира | св. и несв.
Засили, засилува, зголеми, зголемува.
потенција | ж.
Скриена можност, способност за некаква дејност, којашто се појавува во определени услови; сила, моќ. Тој настојува максимално да ја експонира својата креативна потенција. Полова потенција.
потенцијал | м.
(физ.) Величина што ја карактеризира енергијата која се наоѓа во определена точка на електричното, магнетското и др. поле. Електричен потенцијал. Магнетски потенцијал. Нуклеарен потенцијал.
потенцијален | прид.
Можен, што постои во потенција, што е скриен, што е остварлив во определени услови. Потенцијален кандидат. Секогаш постои потенцијална шанса за негово подобрување. Потенцијална енергија. Потенцијални сили.
потенцијалност | ж.
Својство на тоа што е потенцијално. Тие се базираат врз определена потенцијалност.
потепа | св.
Тепа малку, кратко време. Го потепа и го пушти да си оди.
потера | ж.
Вооружена група што гони некого за да го фати. Тој нареди големи потери на целата територија. Потерата запука на него, но тој продолжи да бега.
потера | св.
Почне да гони некого или нешто; подгони. Тој ја зеде прачката и го потера коњот. Овчарите го потераа стадото. Луѓето ги потерале врзани в град.
потерник | м.
Учесник во потера.
потерница | ж.
Писмен налог, наредба за гонење и апсење на лице што сторило кривично дело. Власта издаде потерница по него. Меѓународна потерница.