правоаголен | прид.

Што има прави агли. Правоаголен триаголник. Правоаголна соба.

правоаголник | м.

Четириаголник со прави агли и со по две спротивни еднакви страни. Куќата имаше форма на правоаголник.

правобранител | м.

Лице чија функција е да ги брани правата на граѓанинот наспроти јавната власт. Народен правобранител. Општински правобранители.

правобранителство | ср.

Дејност на правобранител. Тој се докажал во сферата на правобранителството.

правоверен | прид.

а) Што се придржува строго кон догмите на некоја вера, религија. Правоверен човек. Правоверен кнез. б) Што припаѓа на вера за која нејзините верници мислат дека е права, вистинска. Правоверен муслиман. Правоверни католици.

правоверец | м.

Тој што се придржува строго кон догмите на некоја вера, религија. Уште од мал беше вистински правоверец.

правоверност | ж.

Својство или состојба на тој што е правоверен. Од ова зависи правоверноста на целата заедница.

правоговор | м.

Правилен литературен изговор на гласовите и зборовите во еден јазик; ортоепија. Правопис и правоговор.

правоговорен | прид.

Што се однесува на правоговор. Правоговорна норма. Правоговорни грешки.

праводоземец | м.

Изумрен вид четириножни 'рбетници водоземци, слични на дождовник, со големина на крокодил; Archamphybia.