пастрмка | ж.

Слатководна риба, речна и езерска, со меки перки, ситни крлушки и тело ишарено со дамки и со многу вкусно месо; Salmo fario.

пастув | м.

Нескопен коњ, што најчесто се чува за расплод.

пасува | несв.

Одговара, прилега, е во согласност со нешто. Кројот на фустанот ѝ пасуваше, но не ѝ се допаѓаше дезенот. Нему не му пасуваше друштвото.

пасус | м.

Краток извадок, одломка од текст. Пасус од роман. Цитиран пасус.

Пасха | ж.

Еврејски празник што се слави напролет во чест на ослободувањето на израелскиот народ од ропството во Египет.

пасхален | прид.

Што се однесува на Пасха.

пат 1 | м.

а) Дел од земјиште во форма на долга лента, изграден за одење или за патување од едно место во друго, или разгазен со постојано минување. Колски пат. Шумски пат. Правлив пат. Каллив пат. Селски патишта. Стрмни патишта. б) Таков дел изграден на посебен начин за патување со возила. Макадамски пат. Асфалтиран пат. Пат со една коловозна лента. Локален пат. Меѓународен пат.

пат 2 | м.

Со броеви и со други зборови за количество го покажува бројот, количеството на повторување на бројот. Пет пати. Сто пати. многу пати. Неколку пати. Повеќе пати. Толку пати тврдеше дека си научил.

пат 3 | м.

Распоред на фигурите во шахот кога еден од играчите не може да мрдне ниедна фигура без да го доведе во шах својот крал. Пат позиција.