'рѓосан | прид.

Опфатен, покриен со 'рѓа. 'Рѓосан плуг. 'Рѓосана ограда. 'Рѓосана железна рамка. 'Рѓосани жици.

'рдоква | ж.

Растение со црвен, топчест корен со луткав вкус што се користи во исхраната, вид трупка; Raphanus sativus. 'Рдоквите беа свежи и големи со прекрасна црвена боја.

'рдоквен | прид.

Што се однесува или што е од 'рдоква. 'Рдоквен корен. 'Рдоквени насади. 'Рдоквена салата.

ре | ср.

Музичка нота, вториот тон од нотната скала и знакот со кој се бележи.

ре- | претс.

Претставка, префикс кај зборови од интернационалната лексика со значење: повторно, одново, обратно, назад (ревакцинација, реконструкција, реорганизација, реакција итн.).

реа | ж.

Остар, силен мирис. Околу неа се ширеше реа од скап парфем. Од облеката доаѓаше реа од средството за омекнување.

реав | прид.

Разресен, тенок, што се изѕира. Реави пердиња. Реава ткаенина. Реаво здолниште.

реагенс | м.

Активна супстанција, меѓупроизвод или готов производ во вид на средство што се користи во хемиски анализи за да се добијат или да се потврдат основните карактеристики на друга супстанција, материја и сл. Овој реагенс се употребува во процесот на прозводство во козметичката индустрија. Реагенси во форма на прав и во форма на течност.

реагира | св. и несв.

Возврати, возвраќа; одговори, одговара на некој начин на примени податоци, дразби и сл. Гледачите реагираа со бурна смеа. Овие цвеќиња реагираат на студено време. Лицето реагираше на допир.

реактив | м.

Супстанција, материја со сложен состав што предизвикува определена реакција; Оваа материја е моќен реактив.