рекорд | м.
(спорт.) Врвен резултат, најдобро постигнување на локално ниво, во светски рамки или за определен настан, генерација, одделен спорт и сл. Постигна светски рекорд на 100 м. Тој го собори државниот рекорд во фрлање диск за пионери. Ова е нов олимписки и светски рекорд.
рекорден | прид.
Што претставува, што се јавува како рекорд; најдобар, највисок резултат. Рекордна добивка. Рекордни приноси. Рекордно време. Рекорден скок.
рекордер | м.
(спорт.) Спортист што постигнал рекорд во некоја дисциплина од некој спорт. Рекордер во скок во височина. Олимписки рекордери. Светски рекордер.
рекреативен | прид.
Што се однесува на рекреација или што служи за рекреација. Рекреативен спорт. Рекреативна дејност. Рекреативен центар.
рекреативец | м.
Тој што се занимава со рекреација, со телесни вежби. Изградивме повеќе терени за вежбање бидејќи има сè повеќе рекреативци.
рекреација | ж.
Активност, дејност што се одвива во слободно време и по слободен избор како одмор, забава, освежување, закрепнување. Добра рекреација. Секојдневна рекреација. Центар за рекреација.
рекреира се | несв.
Се забавува, се опушта, се освежува, се занимава необврзно со некаква дејност. Во неделите тој се рекреира со различни спортски активности.
ректален | прид.
Што се однесува на ректум. Ректален преглед. Ректално црево. Ректални жлезди. Ректална температура.
ректификационен | прид.
Што се однесува на ректификација, што служи за ректификација. Ректификациона постапка. Ректификациони апарати. Ректификационен процес.
ректификација | ж.
Начин, постапка што се спроведува за прочистување течности. Ректификација на фекалните води.