репортажа | ж.

Новинарски текст напишан врз основа на собрани податоци, известувања, искажувања и впечатоци добиени на терен. Новинарска репортажа. Фоторепортажа. Радиорепортажа. Телевизиска репортажа. Филмска репортажа. Репортажа за бербата на тутунот.

репортажен | прид.

Што има форма на репортажа; што се однесува на репортажа. Репортажен напис. Репортажна форма на текстот.

репортер | м.

Тој што пишува репортажи, новинар што известува во живо од местото каде што се одвива некој настан. Натпреварот го пренесуваат репортери од целиот свет.

репортерство | ср.

Репортерска дејност, занимање на репортер.

репрезентант | м.

Претставник, лице што претставува нешто или некого. Репрезентант на модерната уметност.

репрезентативен | прид.

Што се однесува на репрезентација, што служи за репрезентација, за углед, за пример. Репрезентативна зграда. Репрезентативни остварувања. Репрезентативна вредност. Репрезентативен плоштад.

репрезентативец | м.

Член на репрезентација, претставник на национален тим. Кошаркарски репрезентативец. Ракометни репрезентативци.

репрезентација | ж.

Претставништво, застапништво; избран состав, избраници за претставување, за прикажување. Овие модели служат за репрезентација. Репрезентација на автомобили.