разотвори | св.

Отвори сосема, ширум нешто или повеќе предмети. Таа ги разотвори прозорците за да влезе воздух во собата. Тој ширум ги разотвори вратите на куќата. Таа ги разотвори очите и вџашено гледаше.

разотиде се | св.

За множество луѓе ‒ отиде, замине на разни страни. По свадбата сите се разотидоа дома. Децата се разотидоа.

разоткрие | св.

Открие докрај нешто покриено. Таа го разоткри детето и го натера да стане. Го разоткри лицето и го фрли фереџето.

разотуѓи | св.

Целосно, сосема отуѓи, направи да му биде некој некому отуѓен. Таа ги разотуѓи децата.

разофка се | св.

Почне да офка зачестено и погласно. Таа се разофка од силните болки.

разочара | св.

Предизвика чувство на незадоволство, не исполни некому очекувања. Тој ме разочара мене. Нејзиниот избор ги разочара домашните.

разочаран | прид.

Што се разочарал, што изгубил надеж, што доживеал спротивно од очекуваното. Разочарани деца. Разочарана публика. Разочаран човек.

разочарувачки | прид.

Што предизвикува чувства на разочараност. Разочарувачки податоци. Разочарувачки резултати. Разочарувачка информација.