раноутрински | прид.
Што е, што се одвива многу рано наутро. Раноутрински час. Раноутрински разговори. Раноутрински прошетки. Раноутрински сцени.
ранохристијански | прид.
Што е, што се појавува во раниот христијански период. Ранохристијански автори. Ранохристијанска книжнина. Ранохристијански период.
раноцветен | прид.
Што се појавува, што цвета многу рано. Раноцветни растенија.
ранч | м.
Сточарска фарма, поголема или помала област која е организирана за одгледување крупен добиток (коњи, говеда, овци) слична на сточарско стопанство, изобилува со тревнати површини, вода и сè што е потребно за одгледување добиток; карактеристично за Северна и Јужна Америка, Канада и Австралија. Тој го поседува најголемиот ранч во Америка. Таа има ранч каде што го минува летото.
ранчер | м.
Сточар (каубој, воловар, кравар) што има ранч или што работи на ранч. Американски ранчери. Канадски ранчери.
рап | м.
Музички стил што се карактеризира со звучно рецитирање, придружено со наметлив ритам во кој доминираат ударните инструменти. Тврдокорен рап. Македонски рап. Комерцијален рап.
рапав | прид.
Што е груб, нерамен, што нема мазна површина. Рапава подлога. Рапава површина. Рапав ѕид. Рапави прсти.
рапавина | ж.
Рапавост, грубост, избразденост, збрчканост на површината на предмет или кај кожата на луѓето. Меѓу рапавините на каменот светкаа златните жици. Рапавината на нејзиното лице и на рацете беше слика на тешкиот живот.
рапер | м.
Музичар што изведува и твори рап. Македонски рапери.
рапиден | прид.
Што е молскавичен, ненадеен, исклучително брз и со голем интензитет. Рапиден скок на берзата. Рапиден развиток. Рапиден пораст на цените.