раскокори | св.

Нагласено, ширум отвори очи; Таа ги раскокори очите.

раскол | м.

Расцеп, отпадништво од црквата, во религијата и во верски и друг вид идеолошки заедници (организација, партија) ‒ верување што не е во согласност со постојното учење, одвојување, разделување, цепење, шизма. Раскол во христијанството, познат како Големата шизма или Големиот раскол. Тој размислува за раскол и за формирање нова верска институција. Расколот во црквата предизвика формирање групи.

расколеба | св.

Предизвика колебање, сомневање кај некого, предизвика неувереност во нечии постапки и намери. Тој ги расколеба селаните. Таа ги расколеба младите. Тој ги расколеба присутните. Тажниот настан ги расколеба сите.

расколебано | прил.

Колебливо, несигурно, нерешително. Зборуваше расколебано.

расколне | св.

Почне многу, засилено да колне, проколне многу. Старата ги расколна сите, почнувајќи од најблиските.

расколник | м.

Лице што внесува раскол. Расколниците први проговорија. Недоверливи расколници на нашата идеја.

раскомати | св.

За храна (леб, пита и сл.) ‒ раздели, раскрши комати на делови, на парчиња. Таа го раскомати лебот и им го подели на децата. Питата ја раскоматија уште врела.

раскомотен | прид.

Глаголска придавка од раскомоти.

раскомоти | св.

Расоблече, симне од некого облека за да се чувствува комотно, поопуштено, послободно. Таа го раскомоти детето. Таа ја раскомоти старата.

раскопа | св.

Со копање направи, прошири бразда; изврши обработка на земја со копање; копа 1 и 4. Тој ја раскопа нивата. Кртови ја раскопале градината.