тлее | несв.

За оган ‒ гори слабо, без пламен, обично во пепелта. Жарче тлее во пепелта. Во печката тлееја догорените дрва.

тло | ср.

Површина на земја или друга основна површина по која се оди, се подига градежен објект и сл.

тлоцрт | м.

План на градежен објект изведен како цртеж. Тлоцрт на зграда.

то | чест.

Само во изразот то ест (напишан скратено т.е.) Воведува појаснување, уточнување на претходно искажана реченица или збор, во значење: имено, поточно, со други зборови, што значи. Тоа епохално откритие, т.е. употребата на заразено ткиво од животно заболено од беснило, како вакцина за заштита на луѓето, го отвори патот за активна имунизација. Заедничката експлоатација на богатствата на морето, т.е. на нафтата, ја подобри економската состојба во двете земји. Целосната евакуација не може да се оствари во рокот што го даде владата, т.е. до полноќ на 15 јануари.

тоа 1 | зам.

Лична заменка за трето лице еднина, среден род; го означува лицето или предметот за кој се зборува; Тоа не знае да ги почитува своите родители. Тоа е мојот живот.

тоа 2 | зам.

а) Показна заменка за трето лице еднина, среден род. тој2. Тоа дете. Тоа клуче. Тоа место. б) (нар. поез.) Како честица за потсилување, за истакнување. Тоа бело лице. в) Во прилошки изрази со именки што означуваат време. Тоа утро.

тоалет | м.

Просторија за миење со клозет. Градски тоалет. Во тоалетите ставиле сапун.

тоалета | ж.

Облека, обично горна женска (фустан, костум и сл.) Раскошна тоалета. Дами во вечерни тоалети.

тоалетен | прид.

Што се однесува на тоалет или тоалета, што е наменет за тоалет или за тоалета. Тоалетно огледало. Тоалетен прибор. Тоалетен детаљ. Тоалетна хартија. Тоалетен сапун. Тоалетна вода.

тобоган | м.

Ниска санка кај канадските Индијанци, направена од широки напред малку свиткани паралелни штици цврсто поврзани со ремени.