фаул | м.
Груб прекршок во спортска игра. Тој беше исклучен поради груб фаул.
фаулира | св. и несв.
Направи, прави груб прекршок во спортска игра. Го фаулира напаѓачот веднаш пред голот.
фауна | ж.
Животински свет на едно подрачје, област и сл. или во определен период од историјата на Земјата.
фах | м.
Потесна струка, специјалност во некоја дејност, знаење, наука.
фахман | м.
Стручњак во некоја гранка, вешто лице во некоја работа. Фахман е за правење торти.
фаца | ж.
Лице, физиономија; израз на лицето. Ме фати страв од тие бледи фаци на луѓето околу него. Правам глупава фаца и излегувам.
фацијален | прид.
Што се однесува, што припаѓа на лицето. Фацијални мускули.
фаша | ж.
Лента од кожа, обично за опинци, или од друг материјал во вид на лента: изорана земја, трева во облик на лента, и сл. Исеков фаша за две рала опинци.
фашизам | м.
Идеолошко-политичко движење што се појавило во почетокот на 20‒тиот век во Италија и се реализирало подоцна како систем на владеење што се карактеризира со авторитарен национализам, отворена диктатура со полна контрола на сите облици на општествениот живот, расизам и територијална агресија.
фашизација | ж.
Процес на воведување фашистички ставови и управување во одреден систем, политичка организација и сл.