шукне 1 | св.

Удри, чукне. Таа го шукна по глава момчето.

шукне 2 | св.

Втурне, втера, вовлече нешто. Детето го шукна јаболкото во ранецот.

шуќур | мод.

Израз на благодарност, фала богу, фала му на Бога. Шуќур дојде време и за нас. Шуќур останавме дома.

шук-шук | прил.

Сосема малку, лесно, без мака да се стори нешто. Сака да си помине со шук-шук.

шум | м.

Неопределен звук, ненамерно или намерно произведен при извршувањето на некоја дејност или при некакво дејство; звук. Таинствен шум. Се слушна некаков шум од визбата. Тивки шумови. Шумови од телевизорот.

шума | ж.

Голема површина засадена со стебла; предел обраснат со дрвја; гора. Густа шума. Ретка шума. Борова шума. Дабова шума. Се изгуби во шумата.

шумадинка | ж.

Вид домашна свиња што се одгледува во Србија.

шумар 1 | м.

Лице што ја чува шумата и што се грижи за неа. Шумарот ги бележеше стеблата за сечење.

шумар 2 | м.

Мал, одделен дел обраснат со дрвја; Во шумарот се зеленеат високите борови.

шумарина | ж.

Шумска такса. Плаќаат шумарина за да ги користат стеблата за огрев.