јастребов | прид.
Што му припаѓа на јастреб. Јастребово гнездо.
јат | м.
Име на старословенска буква што означувала глас близок до широко /е/, а во стандардниот современ македонски јазик има рефлекс /е/; знак ѣ.
јатаган | м.
Вид долг, тенок, малку закривен ориентален меч, карактеристичен за османлиската војска. Остар јатаган. Се појавија сејмените со исукани јатагани.
јатак | м.
(истор.) Тој што ги заштитувал и им помагал на комитите и ајдуците во периодот на османлиското владеење на овие простори. Малку се само дватројца јатаци во селото.
јатаклак | м.
Дејност што ја врши јатак. Сака ортак да му биде во јатаклакот.
јатакува | несв.
Врши дејност како јатак, заштитува, дава засолниште.
јатка | ж.
Внатрешен дел од коскесто овошје заштитен со тврда обвивка. Јатка од орев. Јатка од лешник. Јатка од бадем.
јато | ср.
(зоол.) Група птици или риби од ист вид што живеат или се движат заедно. Јато бели лебеди. Јато гулаби. Рибите се движат во јата.
јаток | м.
Конец, предено и сл. што се вткајува во основата при ткаење. Предеше основа и јаток за шајаци, за клашни или за покрови.
јатор | м.
Засек на дагите кај што влегува дното на бурето.