бордо | прид.

Темноцрвена боја. Таа купи бордо здолниште и бела блуза.

бордура | ж.

Украсен раб, шара по раб на ткаенина. Бордурата е многу често застапена кај килимите, најчесто на црвено поле со најразлични орнаментирани форми и мотиви.

борец | м.

Учесник во борба. Тие биле неразделни другари и бестрашни борци.

борење | ср.

Вид спорт, борба на двајца противници заради совладување со физичка сила. Натпреварот во борење ќе се одржи идната недела.

бори се | несв.

Прави физички напор да победи, да надвие некого во борба еден со друг. Нашиот борач ќе се бори со првакот на вашата земја во борење. Тој се бореше во мојата бригада.

борилиште | ср.

Место каде што се одвива борба, борење. Борилиштето беше преполно со луѓе.

борина | ж.

Смолесто дрво од бор што служи за осветлување или за потпалување оган. Домаќинката кладе неколку страка борина на светалникот. Старата го запали огнот со борина.

боринар | м.

Човек што бере борина. Некои дрвари, боринари врват по патот.

боринов | прид.

Што е од борина. Боринови деланки.

бориновина | ж.

Мирис на борина. Замириса бориновина и тој мирис му дојде како мевлем за душата.