реал | м.

Стари бакарни монети, пари што се користеле во Шпанија, Португалија и др. земји; парична единица во Бразил денеска.

реален | прид.

Што е вистински, стварен, постоен, што постои во стварноста. Реална приказна. Реална основа. Реална слика на нашата состојба. Реални потреби. Реален свет.

реализам | м.

Вистински, стварен, постоен начин на согледување на светот околу себе и на состојбите. Креативен реализам. Магичен реализам. Неговиот реализам се граничи со грубост.

реализатор | м.

Лице што реализира нешто, што извршува докрај некаква дејност со своите активности; рационализатор, изведувач, извршител, извршувач. Тој е реализатор на попладневната програма. Наставниците се реализатори на наставната програма.

реализација | ж.

Постапка со која нешто станува реално; остварување, извршување, творба и сл. успешно изведена, спроведена во замислената положба. Реализација и афирмација на планот. Реализација на нашите заложби. Сценска реализација. Тонска реализација.

реализира | св. и несв.

Оствари, остварува, спроведе, спроведува во дело. Тие ја реализираа идејата за изградба на нов театар за деца. Ние го реализиравме нашиот план, сега реализираме нов проект.

реализиран | прид.

Што е остварен, спроведен во дело. Реализиран план. Реализиран сообраќај. Реализирана градба. Реализирани соништа.

реалија | ж.

Стварност, нешто што постои опредметено или мисловно како предмет и како поим во свеста. Лирски реалии. Реалии на времето. Непостоење реалија за вистинските настани.

реалист | м.

Тој што се потпира и што ја поткрепува својата дејност со ставрноста и со вистинските искуства. Тој е реалист и никогаш не бега од стварноста. Во вакви времиња мора да бидеме реалисти.

реалистичен | прид.

Објективен, што се потпира врз стварноста, врз реалноста. Реалистична реакција. Реалистичен човек.