декламатор | м.
Тој што декламира; рецитатор.
декламација | ж.
Текст (обично песна) што се декламира, се рецитира; рецитација. За секоја пригода знаеше по некоја декламација.
декламира | несв.
Интерпретира, говори мошне впечатливо некаков текст (обично песна); рецитира.
декларативен | прид.
Што се состои од зборови, што е заснован на зборови. Декларативна изјава.
декларација | ж.
Официјална или свечена изјава, проглас за основните принципи и ставови што се однесуваат на некое многу важно прашање. Декларација за правата на човекот.
декларира | св. и несв.
Објави, објавува нешто, изнесе, изнесува некаков став за нешто. Тој отворено ја декларира својата определба за вооружена борба. Овде, тие слободно можат да го декларираат своето потекло.
декласира | св. и несв.
Исклучи, исклучува од класата во која нешто или некој припаѓа; отфрли, отфрла.
декласиран | прид.
Исклучен од класата во која спаѓал; пропаднат, запуштен. Декласирана стока. Декласирана личност. Декласирани општествени слоеви.
деклинација | ж.
(грам.) Промена на именските зборови по падежи. Во македонскиот јазик нема именска деклинација.
деклинира | несв.
(грам.) Менува зборови по падежи.