делба | ж.

Постапка со која нешто се дели; делење, поделба, определување дел. Делбата на покуќнината се вршеше со големо спокојство. Јас не сум видел досега толку делби во едно село.

делбен | прид.

Што претставува делба, што се однесува на делба. Делбена постапка. Делбен биланс.

делегат | м.

Лице избрано и овластено од некоја установа, колектив или од државата да врши определена задача; претставник, пратеник. Тој беше избран за делегат со тајно гласање. Салата беше полна со делегати.

делегација | ж.

Група од овластени лица којашто застапува или претставува некоја установа, организација и сл. пред некој друг субјект. Пред две години со една делегација бев во странство. Повеќето официјални делегации сѐ уште не беа пристигнати.

делегира | св. и несв.

Избере, избира некого за делегат, испрати, испраќа свој застапник, претставник. Ние делегиравме двајца претставници за претстојниот конгрес.

деленик | м.

Лице што живее самостојно, што се одделило од семејството. Новата пролет ја пречекал како деленик од имотот и од домот на татка си.

дели | м.

Само со имиња; Дели Мустафа.

дели | св. и несв.

Направи, прави помали делови, расчлени, расчленува нешто врз некоја основа или мерка. Децата го делија лебот на еднакви парчиња. Ги пржеа рипчињата и ги делеа на сите. Дружината ја делеше својата пљачка.

делибаша | м.

Турски старешина, заповедник, на коњаници (на делии) гардиски офицер.