архаизам | м.

(лингв.) Застарен збор во ретка употреба. Преданијата се карактеризираат со постоење на многубројни архаизми.

архаизација | ж.

Стремеж да се употребуваат постари форми; архаизирање. Оваа постапка претставува стремеж за архаизација на писмената реч. Тој во практиката се стреми кон архаизација на формите во сопствената поезија.

архаизира | св. и несв.

Даде, дава поархаичен облик; направи, прави нешто да изгледа постаро. Некои автори го архаизираат јазикот за да постигнат специфичен стилски ефект. Тој го архаизира целиот процес на производство, означувајќи го како рачна изработка на предмети.

архаичен | прид.

Стар, древен, карактеристичен за минат историски период. Овде среќаваме многу архаични форми. Неговата смисла и логика се длабоко архаични.

архангел | м.

Според христијанското верување, ангел од повисок ред. Архангел Михаил.

археолог | м.

Човек што се занимава со археологија.

археологија | ж.

Историска наука што се занимава со ископување и проучување на материјалните остатоци од старите култури и цивилизации.

архетип | м.

Образец, модел, прв примерок. Тој претставуваше архетип за потомците.

архив | м.

Установа каде што се примаат, се проучуваат и се чуваат стари документи. Архив на Македонија. Државен архив. Градски архив.

архива | ж.

Одделение, служба во претпријатие или установа што работи со документи, акти, списи и сл.