виделниче | ср.
Примитивна светилка на газија, со борина или со свеќа; место каде што се поставува борина или свеќа да гори заради осветлување на просторијата. Бедното виделниче одвај ја осветлуваше собата.
видело | ср.
Светлина. Си заминаа по видело. Се прибира уште со видело и се затвора вкуќи.
виден 1 | прид.
Што се однесува на вид1. Видно поле. Сите звучни и видни халуцинации што се случуваа во пустината имаа фосфоресцентна природа.
виден 2 | прид.
Што е важен, истакнат, значаен. Видни селани му доаѓаа на гости. Видни истражувачи ќе учествуваат на средбата.
видео | ср.
(разг.) Краток филм снимен со помош на видеокамера.
видео- | претс.
Како прв дел од сложенки, означува дека вториот дел од зборот се однесува на магнетоскопска снимка или на нејзино прикажување, на пр.: видеоигра, видеокамера, видеокасета.
видеоигра | ж.
Електронска игра на екранот на телевизорот, комјутерот или на специјален уред во центрите за ваков вид забава.
видеокамера | ж.
Електронска камера за снимање на магнетоскопска лента.
видеокасета | ж.
Касета со намотана лента за снимање и репродуцирање на снимен материјал. Тој редовно позајмуваше видеокасети од видеотеката.
видеоклуб | м.
Дуќан за изнајмување на видеокасети за репродукција во домашни услови.