влијание | ср.
Дејствување што го врши некој или нешто врз некого или врз нешто; моќ на дејствување врз некого или врз нешто Падне под влијание. Изврши влијание. Влијание на сончевите зраци.
влијателен | прид.
Што има влијание, моќ, способност да влијае врз нешто. Влијателна личност.
влог | м.
Тоа што некој го вложува, најчесто паричен износ, во банка, во некоја работа, во игра на среќа и сл. Основачки влог. Штеден влог.
вложи | св.
а) Употреби, потроши пари, средства, труд и др. за нешто. Ги вложи парите во нова куќа. Авторите вложиле голем труд во изработката на оваа монографија. б) Стави, внесе пари во банка. Сите девизи тој ги вложуваше в банка.
вложувач | м.
Тој што вложува, обично пари, средства и сл.
влоши | св.
Направи да биде лош, полош од порано (за состојба, положба, однос итн.). Војната ја влоши економската ситуација. Пиењето му го влоши здравјето.
влошка | ж.
Тоа што се вложува, што се вметнува негде. Хигиенски влошки. Ортопедски влошки.
Влтава | ж.
Река во Чешка.
вметне | св.
Стави нешто внатре или помеѓу нешто; дополнително внесе, додаде. Авторот на студијата вметнал неколку познати цитати. На ова место ќе вметнеме апликации од кожа.
вмеша | св.
Натера некого да се вклучи во нешто, во некое дејство, чин, настан. Претседателот беше вмешал поголем број влијателни граѓани во својата предизборна игра.