додворнички | прид.

Што има својство на додворување. Соработниците веднаш му го отстапуваа своето место со додворничка насмевка.

додворувач | м.

Лице што се додворува за да стекне нечија наклонетост. Таа имаше многу додворувачи кои на секој начин сакаа да ја освојат.

додворувачки | прил.

На услужлив, внимателен, љубезен, учтив начин. Таа додворувачки му се насмевна, но не му одговори на прашањето.

додеаност | ж.

Здодевност, досада.

додевен | прид.

Што е здодевен, досаден. Ги изморуваше исчекувањето на блиските во вечерните молитви и додевните празнични утра.

додее | св.

Стане здодевен, неинтересен, предизвика чувство на здодевност, монотонија. Си додеавме еден на друг, се знаеме напамет еден друг, нема ништо ново да се каже.

додека | сврз.

Во временски зависносложени реченици, дури. а) За поврзување истовремени дејства. Додека била млада, била убава. б) Заедно со да и со не за ограничување на дејството. Додека не те викнат, немој да влегуваш. Додека да дојдеме, сѐ да сте завршиле.

додели | св.

Даде некому нешто врз некоја основа (награда, помош, стипендија, кредит, милостина и др.) Послал картонска амбалажа на студениот мост, седнал на неа и очекува да му доделите пари. Тие му доделија орден за храброст.

доделка | св.

Изделка до крај. Овој камен треба да се доделка за да добие убава форма.