здаволка | св.
Почне да дави некого, да се бори со некого во шега, во игра. Го здаволка за да му покаже дека не се лути.
здаде се | св.
безл. ми (ти, му...) Успее во нешто; се покаже некому добра можност за нешто. Му се здаде да влезе во тие кругови. Ми се здаде убава ситуација да го прашам. Им се здаде да бидат за кратко насамо.
здание | ср.
Голема масивна зграда. Модерно здание. Бетонско здание. Стари зданија. Го урнаа некогашното затворско здание.
здебели | св.
Направи некого да биде дебел, подебел; згои. Работата со седење го здебели.
зделка | ж.
Договор меѓу две страни за извршување определена работа. Трговска зделка. Успешна зделка. Склучи добра зделка.
зделка | св.
Направи нешто со делкање. Зделка прекрасна шупелка. Тој беше дете, но успеа да зделка едно триножно столче гледајќи го дедо си.
здене | св.
вдене, дене. Бабата и без очила успеваше да си ја здене иглата.
здетини (се) | св.
Стане како дете; подетини.
здечка се | св.
Се спречка, се скара. Се здечкаа кој да го вози тракторот. Се здечкаа нешто, ама другите ги посмирија.
здив | м.
Воздух што се испушта при дишењето. Топол здив. Свеж здив. Лош здив.