излиже | св.
а) Со лижење изеде целосно, до крај. Децата го излижаа сладоледот. б) Со јазикот помине по некоја површина. Загарот му ги излижа рацете на својот господар.
излитен | прид.
Што станал лит, ветов. Излитени панталони.
излити | св.
За ткаенина и сл., се излиже од употреба, стане лито, со ретко ткаење. Детето ги излити панталоните на колената.
излишен | прид.
Непотребен, ненужен. Излишни коментари.
излови | св.
Улови големо количество (риби), многу (дивеч), улови сè. Рибарите ги изловија сите риби во езерото.
излог | м.
Место, површина зад прозорец на предниот дел од продавница што служи за излагање разни производи; витрина. Богато осветлени излози. Децата стоеја пред слаткарскиот излог.
изложба | ж.
Манифестација на која се изложуваат уметнички дела и сл. пред публика. Изложба на уметнички фотографии. Изложба на народни носии.
изложбен | прид.
Што се однесува на изложба. Изложбен простор. Изложбен салон.
изложи | св.
Постави, изнесе на показ, на гледање. Прилепската фабрика изложи на саемот нови видови цигари. Некои сликари ги изложија своите слики на градскиот плоштад.
изложувач | м.
Тој што изложува на саем, изложба и сл. На саемот се претставија повеќе изложувачи.