неа | зам.
Долга форма за директен предмет и општа форма од таа; доаѓа со кратката форма ја или сама, најчесто со предлог. Ја видов неа. Неа не ја видов. Со неа се договорив. Тоа е за неа. Никој не работи како неа. Тој е ист како неа.
неадекватен | прид.
Што не е еднаков по содржина со друг, неистозначен. Неадекватен термин. Неадекватен превод.
неактивен | прид.
Што не дејствува, што не работи или што работи слабо. Неактивно друштво. Неактивен однос.
неактуелен | прид.
Што не е важен за ова (дадено) време, за сегашноста, несовремен, за сега неважен. Неактуелно прашање.
неангажиран | прид.
Што не е зафатен со работа, што е без задолжение, без обврска; слободен, независен. Неангажиран работник. Неангажиран уметник. Неангажирана литература.
Неапол | м.
Град во Италија.
неаргументиран | прид.
Што не е поткрепен со аргументи, необразложен. Неаргументиран предлог.
неарен | прид.
Што не е арен, што не е добар; лош. Неарна работа. Неарен однос. Неарна шега.
неартикулиран | прид.
Нејасно изговорен, неразбирлив поради лош изговор.
неафирмиран | прид.
Непознат, пошироко непризнаен, неприфатен. Неафирмиран писател. Неафирмиран пејач. Неафирмирано претпријатие. Неафирмирани производи.