нешто 1 | зам.
Неопределен, непознат предмет, појава; со глагол – прирок во реченицата: а) како неопределен подмет. Нешто гори. Нешто падна. Нешто заигра во него. Нешто го мачи. б) како неопределен предмет. Носел нешто. Напиша нешто. Купиле нешто. Му раскажал нешто. в) со предлози: Верува во нешто. Седна до нешто. Се налутил за нешто. Го влечеше кон нешто. Личи на нешто. Извира од нешто. Беше натажен поради нешто. Се врати по нешто. Се занимава со нешто.
нешто 2 | ср.
Некаков предмет. Од вагонот ѝ подадоа нешто, таа го прифати и после сфати дека нештото било дете. Извади нешто од палтото, а кога чкрапна нештото, разбраа дека било револвер. Човекот е мерило за сите нешта. Чекаше да замолчат за да им ги соопшти службените нешта. Продава ситни нешта и од тоа живее. Изобилството ги обезвреднува нештата дури и кога се убави. Ги оставаше нештата да се развиваат по својот природен тек. Се обиде нештата да ги сврти во своја полза.
нешто 3 | прил.
Некако, на некој начин, поради нешто. Нешто никако не можам да разберам што сака да каже со тоа. Да не сум ти нешто слуга така да ми зборуваш. Нешто си ми блед? Како да беше нешто налутен. Да не нешто мајка ѝ не ја пушта?
нејаден | прид.
Што не е јаден, најаден; гладен. Отиде на работа нејаден. Ми останаа децата нејадени.
нејадење | ср.
Неземање храна; гладување. Се разболел од нејадење.
нејак | прид.
Што не е доволно јак, цврст; слаб, кршлив. Нејаки греди. Нејака градба.
нејатка | ж.
Ден кога не се јаде ништо.
нејзе | зам.
Долга форма за индиректен предмет од таа, она; оди заедно со кратката форма ѝ – нејзе ѝ. Нејзе ѝ купи подарок. Ѝ купи нејзе, но и на другите.
нејзин | прид.
Што ѝ припаѓа нејзе – на таа за која се зборува, или што се однесува на неа. Нејзина куќа. Нејзини деца.
нејсе | чест.
За изразување согласност, помирување со нешто; така нека е, било што било. Нејсе, тоа помина, да гледаме за понатаму. Не требаше така да биде, ама нејсе.