нејќе | несв.

Не сака. Нејќе ништо да помогне. Нејќе ни да чуе за тоа. Нејќе ништо да каже.

нељубезен | прид.

Што не е љубезен, неучтив; груб. Нељубезен продавач. Нељубезен одговор. Нељубезна насмевка.

ни 1 | чест.

За нагласување и за засилување на негирањето: а) При двојна негација. Не рече ни збор, само стана и си замина. Не остави ни една ронка надеж дека ќе се врати. Нема ни благодарам. б) Во елидирани реченици со нагласено одрекување. Ова е нашиот став, ни збор повеќе. Останавме досега, ни минута понатаму.

ни 2 | зам.

Кратка форма за индиректен предмет од ние; се употребува сама или заедно со долгата форма – нам ни. Многу ретко ни се јавува. Ни даде пари да купиме. Нам не ни рече ништо. Нам ни се роднини.

ни- | претс.

Претставка, префикс за образување зборови за изразување негација, за засилено целосно одрекување. Ниеден, никаде, никако, никаков, никогаш, никако, никој, николку, ништо.

ни...ни | сврз.

За поврзување зборови или реченици приредени меѓу себе, за изразување разделна врска за да се потсили и да се истакне целосно одрекувањето и да се засили негирањето; ниту. Ни жени ни деца, никој не дојде. Ни играат ни пеат, ни се смеат ни плачат, ете таква беше свадбата. Ни е буден ни спие, само седнал во едно ќоше и си молчи.

нив | зам.

Долга форма за директен предмет и општа форма од тие, они; кога не е со предлог, обично оди со кратката форма – нив ги. Ги имаше нив за најдобри другари. Ги видов нив добро расположени. И нив ги викнале. Во нив не верува. До нив седна. Се грижи за нив. Кај нив живее. Влезе по нив. Излезе со нив.

нива | ж.

Определена земјишна површина што се обработува со орање, сеење, садење; ораница. Нашата нива е помала од вашата. Нивата ја посеале. Нивите ги садат со тутун. По нивјето паднала слана.

нивелација | ж.

Резултат од нивелирање.

нивелира | св. и несв.

Определи, определува разлика меѓу висински точки на Земјината површина.