подзалаже | св.

Залаже малку, сврти внимание на друга страна. Ја подзалажа потерата на друга страна. Го подзалажаа паричките, та не фати работа како што треба.

подзамазни | св.

Замазни, зарамни малку, донекаде. Го подзамазни фустанот.

подзамачка | св.

Замачка малку, донекаде. Ја подзамачка малку тортата со шлаг и ја изнесе пред гостите.

подзамижан | прид.

Поспан малку, донекаде. Ми личиш како подзамижан, да не ти се спие?

подзамиже | св.

Замиже малку, донекаде, кратко време. Подзамижа малку на креветот, ама не заспа.

подзамисли се | св.

Се замисли малку, донекаде. Кога ја чу забелешката на професорот, тој се подзамисли малку, па одговори.

подзамолчи | св.

Замолчи малку, застане малку во кажувањето, во плачењето и сл. Подзамолчи малку, пак продолжи да зборува. Детето ќе подзамолчеше на кратко и пак ќе викнеше да плаче.

подзамрачи | св.

Замрачи малку, донекаде. Веќе подзамрачи кога си дојде детето од училиште.

подзамре | св.

Стивне малку, замолчи донекаде, во извесна мера. Детето подзамре малку, престана да плаче. Подзамреа топовите.

подзамрзне | св.

Замрзне малку, во некоја мера; замрзне 1, 2. Реката подзамрзнала малку.