потисне | св.

а) Притисне надолу со сета тежина. Тежок товар го потисна. б) Принуди некого под притисок да се тргне; истурка, помести назад, настрана. Тие го потиснаа настрана насобраниот народ.

потисник | м.

Угнетувач.

потиштен | прид.

Што е душевно потиснат, нерасположен, натажен; депримиран. Никогаш не бев го видел така потиштен, дури изгубен. Физички крајно исцрпен и духовно потиштен, разочаран тргнав накај моето паркче.

потишти | св.

Предизвика чувство на душевна тегоба, потиснатост, обесхрабреност. Неизвесноста за неговата судбина многу нѐ потишти.

потка | ж.

Знак; запотка: а) Купче земја со забодена гранка во средината, знак дека на нивата или на ливадата е оставена да расте тревата, да не се пушта стока да пасе. б) Гранчиња, цвеќе и сл. со кое се китат делови од куќата или стоката во некои обредни ритуали.

поткади | св.

Кади, закади малку со темјан. Покади со темјан.

поткаже | св.

Тајно пријави, издаде некого. Тој ги поткажа на полицијата. Тој ги поткажа сите виновници.

поткажувач | м.

Тој што поткажува, предавник.

поткани | св.

Кани, понуди некого да направи нешто. Ајде де, пивни – го поткани тој со шишето. Тој неколку пати ја поткани да го збираат материјалот.

поткара | св.

Скара некого малку, во мала мера. Тој ги поткара децата зашто задоцнија.