проглода | св.
Глода кратко време. Кучето ја проглода сувата коска, но брзо ја остави.
прогние | св.
Гние до крај, потполно; изгние. Дрвените скали прогнија, дрвото се рони.
прогноза | ж.
Предвидување, претскажување на развојот на определени процеси, појави врз основа на определени податоци, сознанија, искуство. Прогнозите за ова заболување се оптимистички.
прогнозер | м.
Тој што дава, прави, што се занимава со прогнози; претскажувач.
прогнозира | св. и несв.
Направи, прави, прогноза; претскаже, претскажува, предвиди, предвидува нешто што ќе се случи. Тренерот прогнозираше дека работите ќе тргнат на подобро.
прогностички | прид.
Што се однесува на прогноза, што служи за прогноза. Прогностички знак.
проговара | несв.
проговори | св.
Почне да зборува; изусти нешто. Старецот одвај проговори.
проголта | св.
Прими храна, течност и сл.; голтне. Го проголта горчливиот лек. Не му се јадеше; одвај проголта неколку залаци.
прогон 1 | м.
Истерување, изгонување некаде далеку. Безмилосен прогон. Не се спаси од прогон. Луѓето беа исплашени и изнемоштени од прогонот.