прочувствен | прид.

Исполнет со силни чувства. Му испратил едно прочувствено писмо. Прочувствен говор.

прочуе се | св.

Стане многу познат со квалитет, особина, својство. Тој се прочу во целиот крај. Неговата храброст се прочу за еден месец во околните села. Девојката се прочу по својата убавина низ целото маало. Тој се прочу по добрата скара.

прочуен | прид.

Што станал општо познат.

прошари | св.

Направи понекаде да стане шарено, со поинаква боја од основната. Девојката го прошари платното во основата со тенки црвени нитки. Таа го прошари везот со златни конци.

прошарок | м.

Грозд со по некое зрело зрно. Со појавата на прошарокот, кај грозјето се јавуваат битни промени.

прошверцува | св.

Тајно пренесе стока, луѓе, добиток и сл. Групата прошверцувала големи количиини на текстилна стока.

прошепоти | св.

Каже нешто тивко, со шепотење.

прошета | св.

Прави прошетка; оди, се движи за разонода, одмор и сл. Тој прошета малку низ градот.

прошетка | ж.

Движење по определена патека или место заради рекреација, забава и сл. Попладне ќе излеземе на прошетка по корзото. Неделните прошетки беа забавни.