реклама | ж.
Економски насочена смислена и организирана информација, пропагандна порака упатена преку средствата за јавно информирање, за претставување определени стоки и услуги со цел да се овозможи подобра продажба или да предизвика интерес кај поширок круг можни купувачи; економска пропаганда. Добра реклама. Реклама на нашите производи. Реклама за козметички производи.
рекламација | ж.
Жалба, поплака, приговор за квалитетот или за квантитетот на нешто, усна или писмена пријава, забелешка за квалитетот на некоја стока или на некоја услуга. Рекламацијата не се прима по изнесувањето на стоката од објектот.
рекламен | прид.
Што се однесува на реклама или што содржи во себе реклама. Рекламен спот. Рекламни табли. Рекламни повици. Рекламни прилози. Рекламни плакати.
рекламира 1 | св. и несв.
Соопшти, соопштува; даде, дава информација преку средствата за рекламирање. Таа рекламира женска облека во модните списанија. Телевизиите рекламираат различни стоки. Некои списанија рекламираат алкохол.
рекламира 2 | св. и несв.
Вложи, вложува протест, објави, објавува, поднесе рекламација, жалба, приговор. Тој веднаш го рекламираше расипаното сирење. Таа ја рекламираше високата телефонска сметка.
рекогносцира | св. и несв.
(воен.) Извиди, извидува, испита, испитува позиција на непријателот пред војна. Тие ги рекогносцираа слабите точки на противничката војска.
реколта | ж.
Принос, собран род во земјоделството (при жетва, при берба и сл.) во една сезона, во еден определен период. Нова реколта. Богата реколта. Две реколти. Минатогодишна реколта.
реколтен | прид.
Што се однесува на реколта. Реколтен период.
рекоманда | ж.
рекомандација | ж.
Препорака, писмено или усно позитивно мислење.