реквизит | м.

а) Предмет што се употребува при изведување театарска претстава. Тој ги собра реквизитите од сцената. б) Предмет што се употребува во спортските активности и во некои игри, вежби и сл. Спортските реквизити како што се дресовите, топките ги носат боите на клубот. Реквизити за вежбање.

реквизитер | м.

Лице што врши набавки на реквизити и што се грижи за нив.

реквизиционен | прид.

Што се однесува на реквизиција, што служи за реквизиција; Реквизициона постапка. Реквизициона програма.

реквизиција | ж.

Присилно трајно или привремено одземање имот и материјални добра од приватни лица за потребите на државната или на воената власт. Реквизиција на стоката. Реквизиција на пченицата.

реквирира | св. и несв.

Изврши, извршува реквизиција на нешто. Тие му го реквирираа моторот.

реквириран | прид.

Тоа што е предмет на реквизиција, што е присилно или времено одземено. Реквириран автомобил. Реквириран добиток.

рекет 1 | м.

(спорт.) а) Во тенисот ‒ лопатка преплетена со мрежа и со долга рачка, тениски реквизит. Тој го купи најскапиот рекет. б) Во кошарката ‒ означен простор под кошот во кошаркарското игралиште каде што не смее да се задржи противникот повеќе од 3 секунди. Остана во рекетот подолго од дозволеното.

рекет 2 | м.

Незаконско изнудување средства од лице, фирма, организација и сл. Тој со закани и со рекет се збогати.

рекетар | м.

Тој што изнудува, што одзема незаконски средства и добра од други. Немилосрдни рекетари и измамници.

рекетарство | ср.

Незаконска дејност на организирани групи што изнудуваат пари со уцена на луѓе наводно за заштита на нивните блиски и/или на нивниот имот, деловни простории од криминални дејства, што самите тие ги организираат.