рефекториум | м.

Трпезарија во католичките манастири. Свештениците седеа на долга маса во рефекториумот.

реферат | м.

Јавно излагање на научен труд, предавање на определена тема; текст претставен на некој собир, конференција, конгрес и сл. Рефератите и дискусијата се објавени во зборник. Реферати на македонските слависти. Воведен реферат.

референдум | м.

Начин на изјаснување, гласање на сите лица со право на глас во една општествено-политичка заедница (општина, град, држава) за некој законски предлог или за некое прашање од голема важност. Владата побара ова прашање да оди на референдум. Масовен референдум.

референт | м.

Тој што настапува негде со реферат. На собирот настапија дваесет референти. Референтите се од осум држави.

референција | ж.

Податоци и оцена за работните ангажмани на некое лице. Таа имаше добри референции.

референцијален | прид.

Потврден, оценет. Референцијална соодветност. Референцијално време. Референцијална функција. Референцијална конвергенција.

реферира | св. и несв.

Одржи, одржува, изложи, излага реферат; изложи, излага содржина на нешто, извести, известува за нешто. Реферираа половината учесници на конгресот. Тој реферираше во првиот дел на пленарната седница.