стампедо | ср.
Вртоглаво бегање на исплашен добиток во голем број.
стан | м.
Дом за живеење од неколку простории сместени на кат. Двособен стан. Наместен стан. Нови станови. Тој купи два стана на вториот кат.
станар | м.
Тој што живее во стан. Нов станар. Станари од првиот кат.
станарина | ж.
Наемнина за стан. Тој плаќа голема станарина.
станбен | прид.
Што се однесува на стан. Станбен кредит. Станбена површина. Станбена изградба. Станбено прашање. Станбени услови.
стандард | м.
Пропис, норма што ги определува размерот, формата, квалитетот, вредноста и сл. според кои треба да се сообрази нешто.
стандарден | прид.
Што одговара на определен стандард. Стандарден производ. Стандардни инструменти. Стандардна димензија. Стандарден квалитет.
стандардизација | ж.
Стандардизирање, воведување на стандарди. Стандардизација на производството.
стандардизира | св. и несв.
Воведе, воведува стандарди на нешто.
стане 1 | св.
Застане на нозе, се исправи, промени положба на седење, лежење. Учениците станаа од место. Момчето наеднаш стана и излезе од собата. Старецот полека стана од креветот.