токсин | м.

Отровна супстанција што ја лачат некои видови микроорганизми или некои животни и растенија; отров.

токсичен | прид.

Што се однесува на токсини, што содржи токсини; отровен. Токсичен метал. Токсична материја. Токсично дејство. Токсични влијанија.

Толедо | ср.

Град во Шпанија.

толерантен | прид.

Што покажува толеранција, што е трпелив, што има разбирање, обѕир спрема некого или спрема нешто. Толерантен однос. Толерантна личност. Толерантни момчиња.

толеранција | ж.

Толерантност, трпеливост, уважување на туѓото мислење, став, карактер, на туѓите уверувања, вера, обичаи и сл. Верска толеранција. Отсуство на толеранција.

толерира | несв.

Покажува толеранција; трпи, не се противи, не се спротивставува на некого или нешто, не искажува незадоволство од некого или од нешто. Публиката го толерираше ненавремениот почеток на концертот. Средината не ги толерира таквите постапки.

толкав | зам. прид.

Што е толку голем по мера, по број или по количество. Толкав е нашиот син. Толкава е неговата плата. Донесе толкава кошница со цреши.

толковен | прид.

Што содржи, што дава толкувања, објаснувања. Толковен речник.

толковник | м.

Толковен речник.

толку | сврз.

Во последични (консекутивни) реченици во сврзувачка функција за да се изрази споредба врз основа на количество, заедно со што. Неговите очи се раширија толку што од големиот напор си ја изгубија природната форма.