ѕвонарки | и.

Дел од облеката, панталони со широки ногавици во вид на ѕвоно.

ѕвонец | м.

Метална крушовидна направа со подвижно јазиче која служи за ѕвонење. Ѕвонецот рамномерно ѕвонеше. Продавач на ѕвонци. Бијат училишните ѕвонци и црковните камбани.

ѕвони | несв.

Произведува ѕвон. Ѕвони ѕвонецот на овенот предводник.Телефонот ѕвони. Големата камбана ѕвонеше долго.

ѕвонлив | прид.

Што потсетува на ѕвонење; што одекнува јасно, звучно. Јасен и ѕвонлив глас. Ѕвонлива смеа. Чашата се скрши со ѕвонлив ек.

ѕвоно | ср.

Метална направа во вид на чашка со јазиче, кое, удирајќи во чашката, предизвикува ѕвонење; ѕвонец. Во рамнината не се слушаше ѕвоно од добиток. Заѕвони ѕвоното што го огласи крајот на часот. Далечните ѕвона ритмички ѕвонеа.

ѕвонче | ср.

дем. од ѕвоно 1 и од ѕвонец. Се чу ѕвончето на влезната врата. Се слуша ѕвонење на старо рачно училишно ѕвонче. Запре пајтон со јаки коњи што имаа бакарни ѕвончиња на челата. Будилник со две ѕвончиња.

ѕвончест | прид.

Што има форма на ѕвоно, на ѕвонче. Вез со ѕвончести цветови. Ѕвончесто здолниште.

ѕе! | изв.

За обраќање кон мало дете кога се затскриваме за да го привлечеме неговиот поглед.

ѕевгар | м.

Пар впрегнати волови, биволи, говеда (за орање и др.). Орачот впрегна силен ѕевгар. Двоколка со сив ѕевгар. Купи вол за ѕевгарот. Со два ѕевгара ќе ја изора нивата. Луѓето ги ослободија од јаремот своите ѕевгари.

ѕемне | несв.

Мрзне, се смрзнува од студ. Старицата ѕемнеше во студената соба. Граничарите ѕемнат од големиот студ.