одборник | м.

Член на одбор. Градски одборници.

одбради | св.

Одврзе, симне од глава шамија, шал и сл. одврзувајќи ги краиштата од под брадата; Таа го одбради девојчето и му ја расчешла косата.

одбран | прид.

Што се изделува, се истакнува според определени, обично построги, мерила; избран. Одбрана војска. Одбрани гости. Одбрани песни.

одбрана | ж.

а) Активност, дејство заради спречување и отстранување на некаква опасност, напад и сл. Вооружена одбрана. Противвоздушна одбрана. За одбрана на татковината. б) Сила (од луѓе и средства) што овозможува таква активност. На одбраната ѝ се потребни нови обучени луѓе. Потребни се реформи во одбраната.

одбранбен | прид.

Што се однесува на одбрана, што служи за одбрана. Одбранбена војна. Одбранбена линија. Одбранбени средства.

одбрани | св.

Заштити некого или нешто од опасност, од напад. Нашата чета го одбрани селото од грабеж и палење. Дедото го одбрани детето од разбеснетото куче. Овчарскиот пес го одбрани стадото овци од нападите на волкот.

одброи | св.

Оддели, одвои дел од нешто со броење; изброи. Одброи десет златници и му ги даде на чорбаџијата. Ги одброи последните секунди до нејзиното заминување.

одбули | св.

Симне некому од главата или лицето зар, фереџе (на муслиманска жена); Тој се доближи до девојката и ја одбули.