денар | м.
Основна парична единица во Република Северна Македонија. Десет денари. Сто денари.
денатурира | св. и несв.
Со додавање некоја супстанција, лиши, лишува од природните својства некоја материја, ја направи, ја прави неупотреблива за јадење или за пиење (за човекот).
денационализација | ж.
Однародување. Се вршела денационализација на македонскиот народ.
денационализира | св. и несв.
Насилно лиши, лишува некој народ од неговите особини, претопи, претопува во друга нација. Го денационализирале македонското население.
денгуба | ж.
Залудно потрошено време. Противник е на мрзливоста и на денгубата. Не гледај во туѓите денгуби.
денгуби | несв.
Залудно губи, троши време. Не денгуби, фати се за работа! Денгубат пред шалтерите. Фантазира и денгуби.
денгубица | ж.
Залудно трошење време.
денгубник | м.
Тој што залудно го троши времето.
ден-денес(ка) | прил.
Од некогаш во минатото до денес, до денешниов ден, дури до денес. Така се живее и ден-денес. И ден-денеска таму ќе ги најдеш.
денди | ср.
Тој што се облекува и живее според модата, помодар, конте, гиздавец. Дендито се гледа во огледало и се восхитува на самиот себе.