буботи | несв.

Гори со силен пламен и испушта специфичен звук. Ќумбето буботи.

бубрег | м.

Еден од двата органи од системот за излачување урина.

бубреговиден | прид.

Што има облик, форма на бубрег. Ларвите имаат бубреговиден облик и секогаш се покриени со лигава материја.

бубрежен | прид.

Што се однесува на бубрег. Бубрегот е обвиен со бубрежна ципа.

був | м.

Ноќна птица грабливка; Bubo bubo. Во старата бука живееше еден був.

бува 1 | несв.

Испушта звук што го подражава гласот на бувот. Бууу, бууу! ‒ од куќата на кантарџиите бува бувот стар.

бува 2 | несв.

Удира, тупа, бие по нешто предизвикувајќи специфичен звук. Жените буваа матеница. Војниците го буваа (бувтаа) заробеникот со кундаците во грбот.

бувалка | ж.

Дрво за удирање, пиралка, за чукање 'рж и сл. Со бувалката се чука 'рж.

бувка | ж.

Туфка, пувка од пердуви на главата на некои птици. Убава беше шатката, со црна бувка на глава и со црвени нозе.

бувка | несв.

Турка некого, удира, бува, предизвикувајќи специфичен звук; Тој бувка одвреме-навреме.