надвика | св.

Со викање надвие некого или нешто (врева, глас и др.). Сфати дека не може да ги надвика сите. Неговиот глас никој не можеше да го надвика. Неговиот силен глас ја надвика вревата.

надвисне (се) | св.

Виси над нешто, се најде над нешто. Над речниот брег (се) надвиснале стари врби. Капините (се) надвиснале над патот. Сиви облаци (се) надвиснаа над градот. Месечината (се) надвисна над езерото.

надвиши | св.

Надмине некого или нешто во висина. Најмладиот сите ги надвиши по раст. Перуниките ја надвишија камената меѓа. Чадот се крена и ги надвиши буките.

надвладее | св.

Совлада некого, дојде до надмоќ, до превласт над некого, над нешто. Најпосле туѓинецот беше надвладеан. Набргу сонот ги надвладеа. Надвладеа љубовта кон детето, па мораше да се врати. Болката со ништо не можеше да ја надвладее.

надводен | прид.

Што е над водата. Надводен дел на кораб. Надводни премини.

надвозник | м.

Мост, премин над улица, над пат или над железничка линија.

надвор | прил.

На отворен простор, не внатре. Полека излегоа надвор. Надвор е темно и студено.

надворешен | прид.

Што е надвор, што е видлив однадвор. Надворешна врата. Надворешна страна. Надворешна обвивка. Надворешен изглед. Надворешен знак. Надворешна појава. Надворешна промена.

надворштиње | и.

Болест што се добива, според народното верување, од лоши духови кога ноќе ќе се нагази на некое нивно место.

надвојвода | м.

Врховен, прв војвода.